Нови технологии во функција на транспарентен совет

Примената на новиот систем за директен пренос во живо на седниците на советот беше во фокусот на денешната прес- конференција на Душко Петров,  претседател на Советот на Општина Велес. Од 31 јануари годинава, седниците започнаа да се пренесуваат на официјалната веб страница на општината како и на социјалната мрежа Фејсбук, каде има линк до официјалниот Youtube канал на Општина Велес.

Петров ја извести јавноста за донесените одлуки на последната седница на Советот на Општина Велес. Имено беше донесена одлука за изработка на физибилити студии за оправданоста за доделување на договори за јавно-приватно партнерство за градскиот базен и за објектот на поранешниот Офицерски дом. Беше дополнета и програмата во областа на урбанистичкото планирање со 3 детални урбанистички планови, 4 локални урбанистички плански документации како и плански документи за Оризари и Отовица. Советот на Општина Велес донесе и програма за реконструкција и подигање на зелени површини. Меѓу другото, програмата предвидува  ревитализација на зелениот појас кај топилницата, како и подигнување на зелен ѕид во висина од 90 метри во близина на Спомен костурницата.

„ Транспарентноста на работењето на Советот на Општина Велес, неговите седници и запознавање на граѓаните со неговите  активности се наш врвен приоритет, со цел граѓаните непречено да го остварат своето право и во секој момент да бидат информирани за сите активности на Советот“- истакна Петров пред новинарите.  

 Во досегашните мерења на домашни и странски организации Општината останува на врвот на листата за најтранспарентни општини во земјава.