Балетот „Либертанго“ во Велес
Во вторник, 12 февруари, со почеток во 20 часот во Народниот театар „ЈХК-Џинот“, Македонската опера и балет ќе настапи со балетот „Либертанго“. Настанот го најави градоначалникот Аце Коцевски на прес конференција што се одржа на 5 февруари годинава.
„Станува збор за балетот „Либертанго“, на големиот Астор Пјацола што ансамблот на Македонската опера и балет ќе го изведе на сцената на велешкиот народен театар. Кореографијата е на Сабрина Боско од Италија, режисер е Наташа Поплавска, а сценографијата и костимографијата се на Александар Ношпал. На настанот што Општина Велес го организира во соработка со Македонската опера и балет и Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ ќе настапат 40 балетски уметници меѓу кои првенците на балетот: Александра Мијалкова и Васил Чичијашвили од Грузија, истакнатите солисти: Мими Поп Алексова Атанасовска, Игор Веланоски, Наташа Јосифовска, Саша Евтимова, Ендру Кук од Англија, Јан Кисилев, Мирослав Митрашиновиќ, Марко Здравковски, Драган Кочоски и целиот балетски ансамбл на Македонската опера и балет“, рече Коцевски.
Тој ја информираше јавноста дека влезот за настанот ќе биде бесплатен. „ Поради ограничениот број на седишта , би сакал да ги известам граѓаните дека места ќе има за 350 гледачи по принципот „прв дојден-прв услужен“.Апелирам до сите заинтересирани граѓани да дојдат навреме за да си обезбедат место“, рече Коцевски кој ги покани сите граѓани љубители на културата, особено балетот да не ја испуштаат можноста да уживаат во балетската уметност и настапот на МОБ, на 12 февруари годинава. Балетот „Либертанго“ на Пјацола има огромно значење во светската култура како вовед во новиот правец на тангото познат како ТАНГО НУЕВО или на македонски „ново танго“. Во наредниот период како што најави градоначалникот ќе се работи на зголемување на културната понуда со настапот на Македонската филхармонија и Ансамблот за народни игри и песни „Танец“.