Директорот на ЈКП „Дервен“ поднесе оставка
На денешната прес конференција, градоначалникот Аце Коцевски ја извести јавноста дека директорот на ЈКП „Дервен“ Ѓорѓи Стојанов го известил дека поднесува неотповиклива оставка и бара да биде разрешен од функцијата директор на ЈКП „Дервен“ затоа што во меѓувреме неговиот син е поставен за раководител на регионалната канцеларија на Централниот регистар на РМ во Велес.
„Раководејќи се од високите морални и етички принципи што јас особено го почитувам, господинот Ѓорги Стојанов се повлекува од функцијата за да не дозволи двајца членови од исто семејство да бидат на високи, одговорни позиции, за да нема непотизам. Јас му честитам за неговиот гест и се надевам дека и други наши претставници на кои сме им дале доверба во наредниот период ќе го следат неговиот пример“, рече Коцевски кој му се заблагодари на Стојанов за соработката во изминатиот период.
Градоначалникот најави дека во текот на утрешниот ден ќе Ѝ бидат соопштени на јавноста имињата на лицата кои ќе ја извршуваат функцијата вршители на должност -директори на јавните претптијатија „Дервен“ и „Парк –спорт“. Градоначалникот најави дека очекува уште една оставка на директор на јавно претпријатие од лични причини за што дополнително ќе ја извести јавноста.