Кои стручни кадри се потребни на Велес?
Денес во Општина Велес се одржа состанок на бизнис заедницата односно членовите на Локалниот економски совет со директорите на средните општински училишта. Во фокусот на средбата беше реалната потреба на образовни профили според потребите кои ги имаат стопанствениците на локално ниво.
На состанокот беа дадени конструтивни предлози и сугестии дека средните училишта имаат потреба од редовна комуникација со бизнис секторот, со цел повеќе да се запознаат со нивната работа и реалните потреби од работен кадар и стручна подготовка.
Од друга страна, според потребите на бизнис заедницата, средните училишта треба да конкурираат за образовни профили во министерството за образование и наука со што би се вовеле нови струки кои се поконкурентни на пазарот на трудот од постоечките. Беше истакнато дека општината во соработка со директорите на средните училишта треба заеднички да лобираат во министерството со цел да се воведат нови струки и образовни профили кои би им биле од полза на бизнис заедницата. Постои опасност да се создаде хиперпродукција на работна сила за која стопанството нема реална потреба и затоа најприоритетна задача во идниот период е да им се овозможи на завршените кадри да имаат побрзо и полесно вработување во општината односно целиот регион.