Средба на градоначалникот со здруженијата од областа на културата
Создавањето на Младински креативен центар кој ќе биде во функција на развој на културата беше во фокусот на денешната средба на градоначалникот Аце Коцевски со претставници на здруженијата на граѓани од областа на културата. На средбата беа разменети мислења за потребата од просторни услови за работа за балетските групи, културно-уметничките друштва, оркестрите, хоровите, музичарите и аматерските театарски групи.
Градоначалникот Коцевски пред присутните ги презентираше плановите за создавање на Младински креативен центар во зградата на библиотеката „Гоце Делчев“ како и плановите и активностите за изградба на нова библиотека со медиотека на местото на постојната барака на КУД „Керамичар“ во Младинскиот парк. Како што најави Коцевски, општината работи и на разгледување на можностите салата „Бели Мугри“ да се прилагоди и за кино проекции со современа технологија. Реализацијата на плановите како што рече градоначалникот ќе зависи од обезбедувањето на средства од домашни и меѓународни фондови.
Претставниците на граѓанскиот сектор со градоначалникот разговараа за нивните постојни решенија во однос на просторот за работа и чување на опремата што ја користат. Како што беше заклучено на средбата врз основа на предлозите и иницијативите кои произлегоа од дискусијата ќе биде направена анализа со предлог за конкретни содржини што би се интегрирале во Младинскиот креативен центар како и предлог за максимално искористување на салата „Бели мугри“ и простории на библиотеката „Гоце Делчев“ во функција на развојот на културата во Велес.