Коцевски побара темелно преиспитување на распределбата на средства во културата
„Без Рацин, Крсте Мисирков, Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски и многу други ние сме ништо. Овие великани се нашиот јазик, нашиот знак за препознавање и затоа мора со достојна почит да се однесуваме кон нив и да издвојуваме соодветни финансиски средства за организирање на манифестациите кои треба да бидат темел на македонската култура“.
Со ваков став, градоначалникот Аце Коцевски денеска на прес- конференција изрази разочарување од распределбата на средства во културата. „Безрезервно ја поддржувам изјавата на Претседателот на Владата, господинот Зоран Заев за поништување на одлуката за поддршка на проекти од национален интерес што беше објавена пред неколку дена. Сметам дека најавата на Министерот за култура, господинот Асаф Адеми за преиспитување и анализирање само на одбиените проекти не е доволна, сметам дека треба да се направи темелно преиспитување за начинот на распределбата на средствата.
Велес како еден од стожерите во македонската култура помина многу лошо во распределбата на средствата. Особено сум разочаран од фактот што „Рациновите средби“ кои беа и мора и понатаму да бидат една од трите врвни културни манифестации во Македонија заедно со „Струшките вечери на поезијата“ и „Охридско културно лето“, оваа година добија само 105.000 денари. Рациновите средби ги организираме во чест на Рацин, најголемиот меѓу живите и мртвите што би рекол Гане Тодоровски златоусти поети, најголемиот македонски поет на сите времиња, нашиот наголем знак за препознавање, еден од основоположниците на современата македонска литература. Оваа година нашите амбиции се заедно со Друштвото на писатели на Македонија, Советот за македонски јазик при Владата на Република Македонија и Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ да направиме „Рациновите средби да бидат реномирана меѓународна културна поетска манифестација“, рече градоначалникот.
За споредба Коцевски напомена дека за поетскиот караван „Литературни искри“ издвоени се 136.000 денари, за „Карадачки поетски средби“ -200.000 денари, за литературната манифестација „Илинден“ -200.000 денари, за „Скопје чита“-150.000 денари, за „Поетски средби на Шара“-200.000 денари, за „Струшките вечери на поезијата“ 10.457.150 денари, а за „Рациновите средби“, само 105.000 деНари. „Јас се надевам дека кога добро ќе седнат и ќе се преиспитаат членовите на комисијата ќе ја променат својата одлука и за „Рациновите средби“ ќе доделат финансиски средства достојни за одбележување на ликот и делото на најголемиот македонски поет на сите времиња“.
Коцевски изрази разочарување и од односот кон Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“ кој со 18 досегашни изданија како еден од двата европски фестивали со оваа тематика не доби ниту денар. Средства не се доделени ниту за Интернационалниот фолклорен фестивал кој има 15 изданија досега, ниту пак за Меѓународниот салон на стрип кој е единствена традиционална манифестација од овој тип во Република Македонија. Како што рече Коцевски НУЦК Народен театар „ЈХК-Џинот“ доби многу малку средства за претставите за оваа година за разлика од некои други театри, а воопшто не доби поддршка за гостувања и оперативни расходи.
Тој ја извести јавноста дека Министерството за култура ја довело во заблуда Општина Велес со ставот дека не може да аплицира како општина поради што општината беше принудена да аплицира преку здруженија на граѓани. Од друга страна во одлуката на комисијата се наоѓаат апликации на општини како Битола и Прилеп што ја доведува Општина Велес во нерамноправна положба. Коцевски упати апел до членовите на комисијата добро да внимаваат и да проценат што е од национален интерес во културата.