Услугите во урбанизмот предизвик за општините и државата

Изработка на стратегија со краткорочни и среднорочни акциски планови, воведување на процедура за зголемено учество на граѓаните во донесувањето на урбанистичките планови, поголема соработка помеѓу надлежните служби во урбанизмот со проектантските бироа се дел од препораките во публикацијата  „Транспарентна и отчетна постапка за градежна дозвола“ што  Фондацијата за локален развој и демократија „Фокус “ ја презентираше на 12 февруари годинава, во електронската сала на Општина Велес.

Во присуство на градоначалникот Аце Коцевски, претставници на општинската администрација од областа на урбанизмот, архитекти и инвеститори и граѓани, Убавка Јаневска, директор на фондацијата „Фокус“ нагласи дека публикацијата е резултат на 6 месечната работа на проектот финансиран од ЕУ и реализиран во соработка со „Транспарентност Македонија“. Со напомена дека Општина Велес е една од најтранспарентните во Македонија, Јаневска потенцираше дека проектот цели кон зајакнување на квалитетот на услугите во урбанизамот и превенција на корупцијата.

Костадин Настевски, градежен инжинер вклучен како експерт во проектот ги претстави резултатите од истражувањето на јавното мислење и анализата на проектниот тим. „Препораките од проектот можат во голема мера да го подобрат квалитетот на постапката за издавање на градежна дозвола како една од клучните општински услуги“, рече Настевски. Како одговор на заклучоците и препораките на проектот, градоначалникот Аце Коцевски ја нагласи комплексноста на проблематиката во издавањето на одобренијата за градење. „Проблемите во оваа област се долготрајни и наталожени уште во минатото со индустријализацијата на Велес кога луѓето масовно се доселувале.

Работите се излезени од контрола многу одамна и тоа влече корени до ден денес. Дивоградбите не се  само проблем на Велес туку и на сите општини во Македонија. За жал законот за легализација не ја постигна целта“, рече Коцевски. Градоначалникот нагласи дека во областа на урбанизмот е неопходно јасно да се разграничи што  е тоа што е од јавен интерес.  Тој упати благодарност до ЕУ, „Транспарентност Македонија“ и фондацијата „Фокус“ што ја вклучија Општина Велес во овој значаен проект за зајакнување на транспарентноста и превенција на корупцијата.