Делегацијата на ЕУ работи на мапирање на граѓанскиот сектор
Во рамките на мапирањето на граѓанското општество што го спроведува Делегацијата на Европската Унија, во периодот 19-20 февруари годинава, во Општина Велес престојува Зехра Кацапор –Џихиќ, член на тимот за евалуација.
Денеска таа оствари средба со Градоначалникот Аце Коцевски на која беа разменети мислења околу граѓанскиот активизам во Велес и поддршката што Општина Велес ја обезбедува за граѓанските организации. Како што истакна градоначалникот Коцевски, Велес е првата македонска општина која обезбедува простории за работа на граѓанските организации и делегира надлежности на граѓанскиот сектор.
Џихиќ и Коцевски разговараа за приоритети на Велес кои можат да бидат тема на проекти за граѓанските организации финансирани од ЕУ меѓу кои заштитата на животната средина, одржливата урбана мобилност, развојот на паметен град, подобрувањето на услугите за граѓаните , обезбедувањeто на услуги од локално и централно ниво на едно место и подобрувањето на услугите во областа на социјалната заштита. Целта на мапирањето на граѓанските организации во Велес и други општини е проценка на постојните капацитети и области на интерес со цел програмите и фондовите да се планираат врз основа на утврдените потреби на граѓанскиот сектор во општините.