Како се управуваше со општинските пари од 2013 до 2017?
На ова прашање денеска се обиде да одговори граѓанската организација „Активо“. Анализата на буџетите на 9те општини од Вардарскиот регион беше во фокусот на денешната панел дискусија во рамки на проектот “Едуцирани и информирани граѓани - предуслов за транспарентни институции“.
Проектот е финансиран од ЕУ преку Фондација Отворено општество – Македонија и Евротинк – Центар за европски стратегии. Растечкиот тренд во планираните буџетски приходи на општините од Вардарски плански регион во последните пет години е присутен во сите девет општини.
Планираниот буџет на општините од регионот во овие пет години се зголемил за цели 15 милиони евра. Општините во 2013 година реализирале 84%, додека во 2017 само 67% од планираните буџети. Со тоа, просечната реализација на буџетите од 2013 до 2017 година опаднала за 17 проценти.
„Фискалната децентрaлизација е најтесно грло во системот на локалната самоуправа во државата. Состојбата со општините е многу лоша, долговите се големи. Приходите на општините во земјата се околу 210 евра по глава од жител во просек, а во европските држави се околу 3000 евра по глава од жител. Еден од проблемите е и што најголем дел од приходите одат на национално, а не на локално ниво“- истакна градоначалникот Коцевски.
Коцевски укажа на недостатокот од систем за финансиско воедначување, фактот што законот за рамномерен регионален развој не ги даде очекуваните резултати. Се уште постои огромна разлика помеѓу Скопје и други општини, меѓу урбаните и руралните општини.
“Умешноста во работењето е како да креирате буџет, со кој ќе има финансиска стабилност на општината од една страна, а од друга страна тој ќе биде вистински наменет за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните“, рече Коцевски. Тој ја истакна потребата од прилагодување на законската регулатива во планирањето на буџетите за да не бидат само “список на желби”. Истражувањето на „Активо“ ќе биде достапно на веб страницата www.aktivo.org.mk.