Македонија се прости од големиот писател Ристо Јачев
Денеска на гробиштата „Св. Спас“ во Велес беа погребани посмртните останки на Ристо Јачев, истакнат македонски поет, романописец, драмски писател, член Друштвото на писателите на Македонија од 1967-та година.
Со своето литературно творештво, Јачев остави непроценливо наследство за сегашните и идните генерации на Македонија. Збирките поезија: „Ехо на квечерината”, „Ангел над Христовиот гроб”, „Камена перница”, „Велестовски ноќи”, „Примка”, „Жедна ноќ”, романите: „Вечерни ветрови“, „Кукла“, „Јаков“, драмите: „На север во рајот“, „Волчја Земја“, „Коктел“ се само дел од плодното литературно творештво на Јачев кој со децении неуморно создаваше.
По повод смртта на Јачев, градоначалникот Аце Коцевски упати телеграма со сочувство до семејството. „Со неизмерна почит кон творештвото на нашиот истакнат поет, романсиер и драмски автор г-дин Ристо Јачев, кој го посвети животот на македонскиот јазик и литература, дозволете ми во свое лично име, во име на Советот на Општина Велес и во име на граѓаните, да Ви изразам најдлабоко сочувство за ненадоместливата загуба.Творештвото на г-дин Јачев ќе остане аманет за сите сегашни и идни генерации Македонци, кои големината на својот народ ја препознаваат во големината на своите литературни и културни великани.
Неговиот придонес кон создавањето и развојот на меѓународната поетска манифестација „Рацинови средби“ како една од најзначајните културни манифестации во Македонија останува бесценета вредност во колективната меморија на македонскиот народ“, стои во телеграмата.