Како до повеќе европски проекти ?
На ова прашање денеска бараа одговори здруженијата на граѓани од Велес и Зехра Качапор Џиќик, консултант ангажиран од Делегацијата на ЕУ. Целта на процесот на мапирање е да ги утврди реалните потреби и проблеми на граѓанските организации при аплицирањето и реализацијата на проекти финансирани од ЕУ.
Вооченото недоволно учество на помалите граѓански организации од општините во споредба со оние од Скопје, комплицираните процедури и обемната документација беа посочени како најгорливи проблеми со кои се соочува граѓанскиот сектор. Велешките невладини организации како приоритетни области ги посочија социјалното претприемништво, туризмот и локалниот развој. Тие побараа повеќе средства за јакнење на капацитетите на организациите за користење на европските фондови. На средбата беше заклучено дека за пристап до поголемите кохезиони фондови ќе биде потребно граѓанскиот сектор уште сега да се вмрежи и заеднички со општината да работи на проектни апликации. Како што истакна госпоѓа Качапор, забелешките од граѓанскиот сектор, од повеќе општини ќе бидат доставени до надлежните за програмирање на фондовите на ЕУ, со цел да им се овозможи на граѓанските организации заедно со општините да реализираат поголем број проекти во интерес на сите граѓани. Воедно, на работилницата што се одржа во Општина Велес беше заклучено дека е неопходно сите идни проекти да бидат во согласност со стратешките планови на општината.