Развојот на инфраструктурата –приоритет за Општина Велес
На прес конференцијата одржана на 19 март годинава, градоначалникот Аце Коцевски ја информираше јавноста за реализираните и тековните инфраструктурни проекти како приоритет за развојот на општината.
„Општината паралелно работи на изградба на инфраструктурата и во градот и во населените места согласно програмата. Од почетокот на годинава одобрени се и поставени 530 метри канализациони цевки во село „Сливник“ кој ги приклучивме кон постоечкиот колектор“, рече Коцевски. Тој ја извести јавноста дека во зимскиот период поради настанатите оштетувања на асфалтот се изврши санирање на асфалтот низ градот.
Во моментов се врши тампонирање на пристапниот пат кон Горно Караслари, како и пристапот кон гробиштата во Долно Караслари.
Се заврши со бетонирање на улица во село Бузалково со површина од околу 300 м2.
Се интервенираше и на подобрување на состојбите со пристапните патишта кон Раштани, Бузалково, Мамутчево и Иванковци.
Се проби пристапен пат кон пречистителната станица и кон земјоделските површини во ИЗ „Караслари“ во должина од околу 200 метри.
Се изврши реконструкција на дел од улицата „Коле Цветков“ за пристап кон детската градинка во должина околу 200 метри.
Како што рече Коцевски, на барање на граѓаните, реализирано е решение за спојување на два крака на улицата „Живко Фирфов“ со пристапни скали во должина од 60 метри.
Општината работеше и на внатрешно реновирање на објекти во кои се сместени месните заедници “Трајко Панов“ и „ Алексо Демниев“.
Во тек е изработка на инвестиционо-техничка документација за санација на мостот на Башино село и санирање на градскиот базен.