Во сабота 23 март - масовна еколошка акција
По повод Денот на пролетта и деновите на екологијата, Општина Велес во сабота, 23 март организира масовна акција за чистење.
Како што денеска соопшти градоначалникот Аце Коцевски акцијата ќе се одвива на локација Зелен појас -Топилница, со почеток во 08.30 часот. „Зелениот појас е првата поголема зелена зона околу топилницата, но во голем дел е неуреден и преполн со комунален отпад и градежен шут. Затоа се одлучивме за оваа локација. Ги повикувам сите заинтересирани граѓани да се приклучат кон акцијата“, рече Коцевски.Сите средни и основни училишта со подрачните училишта во акцијата ќе се вклучат со спроведување на активности за чистење на внатрешноста на училиштата, училишните дворови и нивната непосредна околина.
Градоначалникот информираше дека Општина Велес го распиша традиционалниот конкурс “Прогласување на најдобар собирен центар за отпад во училиште и објект во градинка” кој официјално започнува од 21 Март. Училиштата и градинката ќе бидат задолжени да собираат различни видови отпад (ПЕТ амбалажа, хартија, картон, отпадни батерии, електронски отпад) во текот на годината. Прогласувањето на најдобар собирен центар во училиште и објект во градинка ќе се изврши на крајот на годината на свечената новогодишна седница, каде ќе бидат доделени признанија и награди.
Во духот на пролетните акции, општината и ЈКП Дервен ја организираат и Акцијата за собирање на габаритен отпад од домаќинствата и правните субјекти која ќе се реализира од 1.април до 1. мај. Акцијата е бесплатна за граѓаните.