Николовски и Коцевски на средба со земјоделците
На денешната трибина организирана во Велес од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, министерот Николовски, заедно со градоначалникот на Општина Велес и директорите на други државни институции се сретнаа со претставници на земјоделците и сточарите од Велес и околните општини и разговараа за проблемите, но и за новитетите околу промената на дел од законите кои се однесуваат на земјоделието.
Трибини, слични на оваа во изминатиот период беа одржани и во Кавадарци, Струмица, Штип, Прилеп и Валандово. На средбата, министерот Николовски ја истакна важноста на процесот на донесување на реформите во шумарскиот сектор, како и за водоснабдувањето. Тој нагласи дека заклучно со 31. Декември 2018та година, Министерството за земјоделство исплатило вкупно 207 милиони евра субвенции на земјоделците. “Нема да дозволиме сточарите од нивниот производ да имаат загуба” рече Николовски и појасни дека министерството активно ја следи состојбата во врска со откупот и продажбата на јагнешко месо. Во собраниска процедура се измените на повеќе закони, а како една од најважните е постапката за измени во законот за пасишта.
Исто така, министерот на земјoделците им ги објасни новите политики во врска со развојот на производство на сончоглед. Тој ги извести присутните дека Владата на РСМ има склучено договор со фирмата Штрабаг од Германија, за подобрување на системот за водоснабдување за Велес и Чашка, а средствата ги има обезбедено преку програмата на германската банкка за развој во висина од над 28 милиони евра.
Преку конструктивна и реална дебата, министерот одговараше на прашања од присутните граѓани во врска со начинот на осигурување од штети на имотот и посевите, водоснабдувањето во Велес и Чашка, потребите од спроведување на попис на сите грла на овци и кози во државата, навременото испаќање на субвенциите на земјоделците, како и со административните проблеми при процесот на аплицирање за конкретни барања.