Велешани за почист Велес - Еколошка акција кај топилницата
Денес се реализираше четвртата масовна еколошка акција. Овојпат, се чистеа површините во близина на топилницата. Акцијата се одржа во рамките на Деновите на пролетта- Денови на екологијата.
Во акцијата се вклучија претставници на Советот на Општина Велес, голем дел од вработените во општинската администрација, ЈКП Дервен, граѓани, членови на здруженијата „ Акцијаш“ и Црвениот крст. Се очекува да се соберат повеќе од 100м3 отпад. Акцијата се организаираше во близина на топилницата со цел да се уреди парк шумата која е првиот заштитен појас од загадувањето на топилницата. Во наредниот период ЈКП „Дервен“ ќе продолжи со уредување на површината согласно програмата за работа.
Отпадот и несовесноста во заштитата на животната средина остануваат приоритетни предизвици. Заклучно со вчерашниот ден, во првите три месеци од годинава, вработените на ЈКП „Дервен“ собраа 105м3 отпад. „Количините на отпад се зголемуваат од ден на ден. Упатувам апел до нашите сограѓани да го чуваат градот, да внимаваат на неговата чистота, да го фрлаат отпадот во кантите за отпадоци, а не таму каде што ќе им текне. Ако сакаме да живееме во поубав и почист град со личен пример треба да се трудиме градот да ни биде почист и поубав и да внимаваме на културата на однесување и живеење во една урбана средина“, истакна Коцевски. Тој изрази благодарност до сите учесници , а особено до здруженијата „Акцијаш“ и Црвениот Крст како и до компаниите „Евроинженеринг“, „Тргоцемент“ и „Изгрев Инженеринг“ кои помогнаа со своја механизација.