Општините од Југоисточна Европа се сретнаа во Велес
На 11 април годинава, во Општина Велес се одржа панел дискусија во рамките Генералното собрание на НАЛАС- Мрежата на асоцијации за локална самоуправа на Југоисточна Европа. Околу 70 гости меѓу кои трисетина градоначалници од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Романија, Бугарија, Турција, Молдавија и Северна Македонија, претставници на дипломатскиот кор и стопански комори дебатираа на тема „Дијалог град до град“ и се фокусираа на новите стратегии за одржлив развој на градовите.
Гостите ги поздрави градоначалникот Аце Коцевски. „Особена чест и задоволство е што НАЛАС го избра токму Велес за организација на денешната панел дискусија во рамките на Генералното собрание. Велес е град што отсекогаш се осмелувал да сонува, да биде пред другите и да ги преточи најсовремените трендови во Европа и Светот во своја нова реалност“, рече Коцевски. Тој ја презентираше Стратегијата за развој “Велес - Паметен град 2019-2030” и Планот за одржлива урбана мобилност – документи со кои Велес е помеѓу лидерите во државата во одржливото управување со градот. На панел дискусијата учествуваа претставниците на Локалниот економски совет, Сашко Лазаров и Волфанг Ајхер, претставникот на Винаријата „Тиквеш“, Александар Ристовски, Александра Шишкова од винаријата „Шато Сопот“, Боро Ристовски, директор на ССОУ „Коле Неделковски“ и Зоран Јанкуловски, извршен директор на Здружението на Финансиски работници на локалната самоуправа и јавните претпријатија. На дискусијата беа претставени добрите практики на Велес како работата на Локалниот економски совет, соработката помеѓу ССОУ „Коле Неделковски“ и компанијата „Маркарт“ во едукацијата на млади кадри, соработката помеѓу Вардарскиот и регионот Алзас во областа на винскиот и руралниот туризам и други активности и проекти. Покрај дебатата и панел дискусиите, гостите од Југоисточна Европа денеска имаа можност да ја посетат работилницата во ССОУ „Коле Неделковски“ финансирана од „Маркарт“, ИЗ „Речани“ и езерото „Младост“. На настанот во Велес присуствуваа Швајцарската Амбасадорка Сибил Зутер Техада, Патрик Мартенс, директор на Германската стопанска комора во Северна Македонија како и потпретседателите на НАЛАС, Еманоил Манолов од Република Бугарија и Душанка Голубовиќ од Република Србија.