Коцевски на средба со млади волонтери од Велес
Градоначалникот Коцевски денес оствари работна средба со група млади волонтери од Велес кои членуваат во Младинската иницијатива, под името Be The Change (Биди промената). Оваа иницијатива е група на млади од 15 до 18 годишна возраст, која брои девет членови и работи под менторство на Здружението на граѓани “Младите можат” од Скопје.
На средбата со градоначалникот, тие ја претставија својата идеја преку која треба да се организираат три активности кои ќе придонесат до зголемување на свеста кај младите велешани и можност за откривање на начини за волонтирање и вклучување во младински иницијативи во нашиот град.
Иницијативата има за цел да ја покрене свеста кај младите луѓе кои се помалку информирани и помалку активни на полето на неформалното образование, невладиниот сектор, како и за постоењето на организации кои нудат различни можности за младите.
Градоначалникот Коцевски, како долгогодишен волонтер и истакнат граѓански активист, со задоволство ги прими и разговараше со гостите. Тој ја нагласи целосната поддршка од страна на Општина Велес за организирањето на иницијативи предводени од млади ентузијасти во полето на кое делуваат, а воедно претставуваат и позитивен пример за идни лидери во општеството.
Општина Велес останува отворена за соработка и е голем поддржувач на иницијативи кои целат кон активно младинско учество во развојот на локалната заедница.