Младите активисти учат за локалната самоуправа во Велес

 

Работењето на општината, справувањето со предизвиците во врска со изнаоѓање решенија за подобрување на секојднeвниот живот на граѓанките и граѓаните на Општина Велес, беа во фокусот на денешната средба на петнаесетина активисти од Велес со градоначалникот Коцевски. На средбата се разговааше за поделбата на власта во РСМ, начинот на кој функционира една единица на локалната самоуправа, но и прашања поврзани со изборот на високото образование како и прашањата поврзани со граѓанскиот активизам кај младите.

Вработените во општината организираа мини тура низ општинската зграда каде младите велешани се запознаа со работата на Советот на општината, комисиите и општо сите надлежностите кои ги има општината во носењето на одлуки.

Посетата беше организирана како дел од Програмата “Учиме право”, која ја спроведува Младинскиот образовен форум од Скопје, a која е насочена кон едукација на младите за човековите, граѓанските и политичките слободи и права, демократијата и концептот на владеење на правото, Европската Унија и процесот на евроинтеграција на Република Македонија.

Оваа програма освен во Велес се реализира и во Скопје, Тетово, Куманово и Битола и на уникатен начин цели да создаде врска помеѓу концептот на демократијата, човековите права и правниот систем и нивното влијание во секојдневниот живот.

Општина Велес, како транспарентна и отчетна општина која силно ги поддржува сите слични младински иницијативи како оваа со задоволство ги прифаќа можностите за средба и директна комуникација со младите велешанки и велашани за пренесување на нивните реални потреби.