Европска награда за велешките гимназијалци

По повод освоеното второ место на меѓународниот натпревар “Европски квиз на пари”, градоначалникот Коцевски денеска оствари средба со добитниците на наградата од СОУ “Гимназија Кочо Рацин” од Велес. Градоначалникот лично им честиташе на учениците од прва година Марко Инѓилизов и Викторија Панова, нивниот класен раководител и ментор, професор Марјан Стојановски и директорот на училиштето, Гоце Алексовски.

По победата на националното првенство, победничкиот тим, од 6. до 7. Мај 2019та година, престојуваше во Брисел, Белгија, каде се одржа Европскиот квиз на парите, чиј организатор е Европската банкарска федерација. Во конкуренција на околу 100 000 финалисти, од дваесет и осум европски држави, на возраст од 13 до 15 години, гимназијалците Марко и Викторија го освоија престижното второ место и со тоа станаа европски вицешампиони. Овој натпревар се одржува веќе две години и се однесува на теми од финансискиот менаџмент. Македонскиот тим, покрај освоеното второ место, од организаторот доби и парична награда во износ од 2. 000 евра, наменета за училиштето.

“Со големо задоволство ја примив веста за вашиот успех и ви честитам за постигнатото. Младите и талентирани ученици се гордост, не само за семејството и училиштето, туку и на градот и државата. Чест ми е што сум ваш сограѓанин и што во вас имаме вистински амбасадори на Велес”, им порача Коцевски на талентираните гимназијалци.

“Горди сме на учениците и нивниот ментор за постигнатиот меѓународен успех. Треба да им се даде шанса на сите талентирани ученици да се вклучуваат во проекти каде може да ги истакнат своите способности.”, истакна директорот на гимназијата.

Успехот на учениците ја израдува велешката јавност која масовно преку социјалните мрежи им посака уште многу успеси на домашен и меѓународен план.