Велес домаќин на Државното првенство во одбојка за ученички
На покана на Сојузот на училишен спорт, градоначалникот Коцевски денес ја имаше честа да го отвори завршниот настан на Државното првенство во одбојка за ученички од основните училишта од државата во Велес и да се обрати пред присутните.
Многубројна публика и љубители на одбојката, пред сè млади велешанки и велешани, како и поддржувачи на екипите кои се натпреваруваа беа присутни во спортската сала на ООУ “Блаже Конески”, каде се натпреваруваа вкупно шест екипи од основните општински училишта од Битола, Скопје (од Кисела Вода и од Карпош), Струмица и Тетово. Претставник од Велес беше екипата домаќин од ООУ “Васил Главинов”.
Во своето поздравно обраќање, градоначалникот Коцевски ја истакна важноста на спортувањето и ги поттикна младите да створат навика почесто да се рекреираат и спортуваат. Коцевски нагласи дека треба континуирано да се работи на развојот и давањето на поддршка во областа на спортот.
Во програмата за активностите на општината во областа на образованието за 2019 година, Општина Велес обезбеди средства во висина од 250 000 денари за поддршка на спортските клубови, но и континуирано финансиски ги поддржува заложбите на Сојузот на училишен спорт за ревитализација и афирмација на спортот во училиштата.
Настанот беше организиран од Федерацијата на училишен спорт на Македонија и Сојузот на училишен спорт на Општина Велес.