Коцевски избран за претседател на Асоцијацијата на градови со архитектонско наследство

 

Во просториите на ЗЕЛС во Скопје, денес се одржа Седница на Собранието на Асоцијацијата на градови од Македонија со архитектонско наследство, на која за претседател на асоцијацијата едногласно беше избран градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.

На собранието присуствуваа градоначалниците на Струга, Гевгелија, Берово и Кочани , претставници на одделенијата за урбанизам од 12 општини како и стручни лица од областа на заштитата на културното наследство од надлежните државни и локални институции. На собранието беа избрани членовите на органите на управување на асоцијацијата како и членови на стручниот тим кој во иднина ќе се проширува со еминентни експерти за заштита на културното наследство. Во своето обраќање кон присутните, Коцевски ја потенцираше потребата за дополнителен и зголемен ангажман на институциите околу заштитата на културното и архитектонско наследство што градовите го имаат, за да биде зачувано за идните генерации. На собранието беше иницирано воспоставување на соработка со ЗЕЛС и продолжување на соработката со Француската национална асоцијација "Впечатливи градови и локалитети на Франција". Во наредниот период тимовите на асоцијацијата ќе работат на измена на Статутот и утврдување на приоритети со цел да се овозможи максимална функционалност и да им се помогне на македонските општини да ги зајакнат капацитетите за грижа за архитектонското и воопшто културното наследство.