"Да трчаме, здраво е" низ улиците на Велес

По тринаесетти пат, оваа година се одржа мини маратонот „Да трчаме, здраво е“ во организација на Друштвото на родители за грижа за здраво поколение (ДРГЗП) од Велес. Учество на годинешниот мини маратон земаа околу 100 ученици од градинките и од основните општински училишта од градот.

Трката се одржа по улиците на Велес, а за безбедноста на истите се погрижија припадниците на СВР Велес и медицински тим од Итната медицинска помош при Здравен дом, Велес. Стартот на трката симболично го означи градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.

Мини маратонот се реализира во соработка со Локалниот Совет за превенција од детско престапништво на Општина Велес и ова претставува втора активност која е предвидена да се реализира во рамки на Акцискиот план на Локалниот Совет за превенција од детско престапништво за 2019 година.

Како општествено одговорна компанија, ЖИТО Маркети го поддржаа настанот и обезбедија освежување за учесниците.