Успешна акција за собирање на габаритен отпад
Општина Велес и ЈКП „Дервен“ успешно ја реализираа деветата „Пролетна акција за собирање на габаритен отпад“. Бидејќи овој вид на отпад не смее да се остава на јавни површини, со акцијата граѓаните имаа можност да се ослободат од него по легален пат без да платат ниту денар.
На акцијата и претходеше известување доставено до секое домаќинство во прилог на сметката за комунални услуги. Во периодот од 01-30 април 2019 година, 97 домаќинства во ЈКП „Дервен“ пријавија потреба од предавање на габаритен отпад. Јавното претпријатие од овие домаќинства презеде 44 кревети, 17 делови од мебел (плакари, витрини), 12 теписи и теписони, 46 прозорци, 9 санитарии, 17 електрични и електронски уреди и многу парчиња ситен мебел. Во акцијата беа собрани 170м³ што е двојно собрана количина во споредба со претходните години.
Габаритниот отпад се депонираше на посебно определен простор на градската комунална депонија за уништување, а електричниот и електронскиот се предаде на овластениот постапувач НУЛА ОТПАД.Општината им благодари на граѓаните за прифаќање на овие акции и се надева дека на јавните површини се помалку ќе се среќава непрописно оставен габаритен отпад.