Продолжува училишната размена меѓу збратимените Велес и Новогард

Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, денес оствари протоколарна средба со делегација составена од ученици и наставници од училишниот центар „Станислав Сташица“ од збратимениот град Новогард, Република Полска.

Средбата е дел од многубројните активности кои гостите од Полска ги имаат во Велес кои се во рамките на еднонеделната размена, производ на долгогодишната усшешна соработка помеѓу збратимените училишта ССОУ „Коле Неделковски“ од Велес и “Станислава Сташица” од Новогард, Полска.

Досега осум пати ученици и наставници од ова училиште во Полска го посетиле Велес а исто толку пати и нашите средношколци имале можност да престојуваат кај свои врсници во Полска.

На средбата Коцевски им посака топло добредојде на младите од Полска и ги поттикна да размислуваат за насоките во кои сакаат да се насочат и да го развиваат своето понатамошно образование, а со тоа и да ја изградат својата идна професија.

Во рамки на посетата, освен посетата на општината, предвидено е да се реализираат едукативни работилници и посета на најзначајните споменитости на градот и околината.

Соработката која трае девет години е проширена на ниво на збратимување на училиштата, градовите, но и на Вардарскиот плански регион со регинот Голенов, каде се наоѓа Новогард. Главните цели на оваа соработка е унапредување на наставниот процес и примена на добрите образовни практики.