Како до подобри јавни услуги?
Претставници од невладините организации од повеќе градови, како и претставници од општини, денес учествуваа на работилница,каде беа претставени истражувањата за испорака на јавните услуги на локално ниво.
Главна цел на работилницата беше јакнење на учеството на граѓанските организации во реформата на јавната администрација, како приоритетна реформа за членство во ЕУ. Настанот е дел од проектот “Граѓански ориентиран пристап при испорака на јавни услуги”, кој е финансиран од Европска Унија и Британска амбасада Скопје.
Проектот се стреми да придонесе кон воспоставување на цврста мрежа за дијалог и подобрување на јавните услуги, кое е нераскинлив дел од доброто управување и приоритет во реформата на јавната администрација. Во рамките на работилницата, Весна Богоевска, како член на Советот на Општина Велес даде осврт на предизвиците во однос на постоечките општински услуги и претстави идеи за иновативни пристапи во понудата на општински услуги, кои се спроведуваат во други европски земји. „ Граѓаните мора да бидат наш врвен приоритет, а ние да се ориентираме според нивните потреби“, истакна Богоевска во своето обраќање.
Придобивката од спроведувањето на овој проект е поголемо зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за активно учество во креирање, следење и евалуација на политиката за испорака на јавни услуги.
Општина Велес се стреми и активно работи кон постојано подобрување на јавните услуги и развивање на концептот на квалитетна испорака на јавните услуги според реалните потреби и барањата на граѓаните.