Нови можности за соработка со Француската национална асоцијација
Денеска Асоцијацијата на градови од Македонија со архитектонско наследство, беше домаќин на г-ѓа Марилиз Ортиз, директорка на Француската национална асоцијација на впечатливи локалитети и градови на Франција.
На средбата со членовите на асоцијацијата од македонските општини, Градоначалникот Аце Коцевски, претседател на македонската асоцијација изрази благодарност за досегашната соработка и надеж за нови заеднички проекти. „Од името на нашата асоцијација ви благодарам за поддршката и пријателството во изминатите 15 години, искрено се надевам дека француската асоцијација и понатаму ќе остане наш вистински партнер и ќе не поддржи во заложбите за заштита на наследството. Ние ќе работиме како асоцијација да ја заслужиме вашата доверба и поддршка“, рече Коцевски.
На средбата на која учествуваа членови на асоцијацијата од Велес, Куманово и Берово беа договорени нови заеднички проекти со француските партнери меѓу кои креирање на европска мрежа на наследство, обука на архитекти и занаетчии, реализација на конференции и работилници во Македонија и во Франција.
Во наредниот период како што најавија Коцевски и Ортиз ќе се работи на дефинирање на концептите на идните заеднички проекти и настани меѓу кои конференцијата во Битола и Салонот на наследство во Париз што ќе се реализирааат до крајот на годината. На национално ниво двете земји ќе работат на утврдување на нова конвенција за соработка во областа на заштитата на наследството.