Свечена академија по повод Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј
По повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, денес во салата “Бели мугри”, Општина Велес организираше Свечена академија на која се доделија годишните награди за најдобар ученик и најдобар просветен работник за 2019 година.
На академијата пред големиот број присутни во салата, се обрати градоначалникот Аце Коцевски кој го истакна значењето на овој ден. “Овој ден претставува наш потсетник за суштинската и историска улога која ја имаат првите учители, кои ја направија нашата држава лулка на словенската култура и писменост” истакна Коцевски.
Признанијата на најуспешните ученици и наставници за 2019 година ги додели градоначалникот Коцевски. За најталентирани ученици во основно образование за 2019 годиана беа прогласени Стефанија Јакимовска, ученичка во ООУ „Стојан Бурчевски – Буридан”, с. Иванковци, Велес и Матеј Гелев, ученик во ООУ „Блаже Конески”, Велес. Признанието за најталентиран ученик во средно образование за 2019 година го добија Викторија Панова, ученичка во СОУ „Гимназија Кочо Рацин”, Велес, Марко Инѓилизов, ученик во СОУ „Гимназија Кочо Рацин”, како и Михаил Трајков, ученик во ССОУ „Димитрија Чуповски”, Велес.
Признание за најдобар наставник во основно образование за 2019 година доби Борка Тоцинова од ООУ „Рајко Жинзифов”, с. Долно Оризари, Велес. Признание за најдобар наставник во предметна настава за 2019 година оваа година доби Павлина Карова, вработена во ООУ „Св. Кирил и Методиј”, Велес, додека пак за најдобар наставник во средно образование за 2019 година беше прогласена Снежана Хаџиева вработена во ССОУ „Димитрија Чуповски”, Велес.
Посебен акцент на академијата се даде на промоцијата на новоформираниот камерен оркестар при Општина Велес ,,Ангел Шурев”, составен од 16 еминентни и млади музичари од Велес кој изведоа три композиции од Астор Пјацола, Бах-Вивалди и Серба Никифор.