Велес прва општина во државата со транспортен модел до 2039 година
Во финална фаза е подготовката на Планот за одржлива урбана мобилност што ќе понуди интегрирани решенија за сообраќајот и сообраќајната инфраструктура во Велес.
Денеска претставници на словенечката компанија АПИА која работи на овој значаен документ ги презентираа клучните препораки и мерки во планот. Зонско паркирање, затворање на центарот на градот за сообраќај, развој на јавниот превоз, изградба на мост на Вардар кај Речани, развој на велосипедизмот и велосипедската инфраструктура, сообраќајни планови за безбедност на децата и учениците на пат кон градинка и училиште, инфраструктура за лицата со ограничена мобилност,воведување на еднонасочен сообраќај на најкритичните места во високите делови на градот се само дел од мерките опфатени со документот.
Планот за одржлива урбана мобилност кој е значаен документ за развој на Велес во рамки на европските стандарди за првпат во државата опфаќа транспортен модел проектиран до 2039 година. Сите мерки, сценарија и активности вклучени во планот треба да доведат до надминување на постоечката состојба во која 53% од велешани користат автомобил, а само 1% велосипеди во секојдневните активности. Податокот дека 39% од граѓаните претпочитаат да одат пеш оди во прилог на промоцијата на здрав живот и претставува значаен елемент за спроведување на предложените мерки. Со планот Велес треба да добие нови стандардизирани автобуски постојки, да воведе возила за јавен превоз кои не ја загадуваат животната средина и да обезбеди повеќе линии за јавен превоз.
Се очекува наскоро Велес да го добие финалниот документ со што ќе стане прва општина во државата со План за одржлива урбана мобилност изработен според стандардите на ЕУ.