Венко Андоновски – добитник на Рациновото признание за 2019 година
На прес конференцијата што се одржа денес, на 3. Јуни 2019 година, во просториите на Друштвото на писатели на Македонија, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски во својство на претседател на Организацискиот одбор на меѓународната поетска манифестација „Рацинови средби“, ги соопшти одлуките за доделување на Рациновото и Почесното Рациново признание за 2019 година.
Оваа година, жири комисијата во која членуваа д-р Мишел Павловски, проф.д-р Агим Полоска и м-р Игор Крајчев.одлучи престижното Рациново признание да му припадне на писателот Венко Андоновски, на кого ова му е второ Рациново признание. Првото го добил пред 25 години.
Организацискиот одбор во состав Аце Коцевски како претседател и членовите проф. д-р Људмил Спасов, проф. д-р Кристина Николовска, м-р Гоце Ристовски и м-р Божидар Јовиќ, донесе одлука оваа година почесното Рациново признание за афирмација и популаризација на македонската литература и култура, надвор од границите на Република Северна Македонија да му биде доделено на Неговата екселенција, проф. д-р Милан Јазбец, поет, писател и Амбасадор на Република Словенија во Република Северна Македонија.
„Би сакал да нагласам дека нашата заложба е Рациновите средби да ги вратиме на пиедесталот на македонската култура, како една од трите најзначајни културни манифестации во државата заедно со Охридското културно лето и Струшките вечери на поезијата”, истакна Коцевски.
Рациновите признанија на добитниците ќе им бидат доделени за време на 56. издание на Рациновите средби што ќе се одржи на 6. и 7. јуни 2019 година во Велес и ќе вклучат повеќе настани меѓу кои меѓународната конференција на тема „Светлината на зборот – јазични и книжевни аспекти во пезијата на Кочо Рацин и Матеја Матевски“
Деталната програма може да се преземе тука.