Велес по 56. пат го слави Рацин
Во народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот" на 6 јуни 2019 година беше свечено отворено 56. издание на Рациновите средби.
Активностите започнаа со организирање на ревијална велосипедска трка, на која учество земаа 50тина млади велосипедисти и членови на здруженијата на велосипедисти од градот. Положување свежо цвеќе и почит пред Рацин, на спомен костурницата оддадоа делегации на општина Велес, јавни институции од градот, претставници на Советот на Општина Велес, на Друштвото на писатели на Македонија и други. Добитниците на Рациновото и почесното Рациново признание за 2019 година, проф. д-р Венко Андоновски и Н. Е. Милан Јазбец, амбасадор на Република Словенија во Република Северна Македонија, ја продолжија традицијата на засадување садници во шумата на Рацин. Одбележувањето продолжи во центарот на градот, пред паметникот на Рацин, а потоа во дворот на велешката гимназија која го носи името на великанот, каде обраќање имаше Соња Стојменска Елзесер, претседателка на Друштвото на писатели.
Во фоајето на театарот беше поставена изложбата „ Споменот на Рацин низ времето“ која беше во соработка со Народниот музеј од Велес. На изложбата посетителите имаа можност да „прошетаат“ во минатото на Рациновите средби. Во продолжение беше промовирана книгата „ Бели мугри на словенски јазици“ која ја подготви писателот Раде Силјан, а ја промовираше проф. д-р Кристина Николовска.
Свеченото отворање на овогодинешните Рацинови средби го одбележа перформансот изведен од страна на актерот и водител Васил Зафирчев и група млади ученици, заљубеници во глумата. „Време е да победат вистинските културни вредности, да ги вратиме Рациновите средби на пиедесталот. Борбата со сомнителните вредности кичот, шундот, турбо фолкот нема да биде лесна, но ќе победиме. Рече во своето обраќање градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, во својство на претседател на Организацискиот одбор на манифестацијата.
Беседата за Рацин годинава ја напиша проф. Весна Мојсовска-Чепишевска која покрај јубилејот од 80 години од „Бели Мугри“ на овој великан, во своето обраќање се осврна и на следниве важни јубилеи: 205 години од првата книга на македонски народен јазик од Јоаким Крчоски, 140 години од „Македонската песнарка“ од Ѓорѓија Пулевски, автор на првата печатена граматика и автор на еден од првите речници на македонски јазик и 75 години од „Песни“ на Ацо Шопов, прва книга објавена на македонски јазик во слободна Македонија. „Со „Бели мугри“ и се отвора патот на современата македонска литература а Кочо Рацин станува еден од основоположниците на современата македонска книжевност“ ,рече Мојсовска-Чепишевска.
На традиционалниот поетски митинг настапија 15тина поети од Македонија, Словенија, Србија, Бугарија, Турција и Албанија. На свеченото отворање настапи младинскиот хор „Св. Кирил и Методиј“ од Велес, а со концерт во чест на Рацин публиката ја воодушеви етно групата Монистра. Рациновите средби продолжуваат денес, 7 јуни (петок) со богата културно-уметничка програма.