Значајни културни настани во Велес
На денешната прес конференција, градоначалникот Аце Коцевски изрази задоволство од успешната организација на културната манифестација „Рацинови средби“ и ги најави претстојните значајни културни настани. „Задоволни сме од организацијата на 56. издание на Рациновите средби. Добивме бројни комплименти од присутните професори и научници.
Мило ми е што ја продолживме прекинатата традиција на Рациновите средби да има научен дел во кој доаѓаат до израз научните трудови на луѓето кои се занимават со оваа област. Со научните и надлежните државни институции ќе продолжиме ова да го правиме и во наредниот период и да ја вратиме ова манифестација да биде во врвот на најзначајните културни манифестации во земјата“, рече Коцевски.
Тој најави дека кон крајот на ноември годинава, општината ќе организира културен настан по повод 80 години од печатењето на збирката „Бели мугри“. На 19 јуни во Велес ќе гостуваат млади реномирани уметници-музичари од Санкт Петерсбург од Руската Федерација. На 24 јуни годинава ќе започне првата скулпторска колонија на која ќе учествуваат скулптори-уметници од земјата и од странство. Колонијата ќе трае до 7 јули. Од 3-7 јули,во Велес ќе се организира Интернационалниот фолклорен фестивал.