Почит за Рацин на Лопушник
По повод одбележувањето на 76-годишнината од загинувањето на револуционерот и поет, великанот Коста Солев Рацин еколошката групација „Грин Пауер”, од Велес, во изминатите шест денови организираше планинарски марш во должина од околу 160 км од Велес до Лопушник, местото на трагичното загинување на Кочо Рацин. Петнаесетмината планинари кои поминаа низ Општините Велес, Чашка, Долнени, Македонски Брод, Пласница и Кичево, го промовираа делото и значењето на Рацин низ овој регион.
Овој марш беше со поддршка на Општина Велес. Традиционално и оваа година, на 13 јуни, делегација од Општина Велес предводена од градоначалникот Коцевски, претставници на Општина Кичево, Сојузот на борците, на АРМ, на јавни институции и организации, положија свежо цвеќе и го посетија спомен обележјето на планината Лопушник.
Настанот беше збогатен со културна содржина каде се читаа стихови на Рацин во чест на основоположникот на современата македонска литература. На спомен обележјето во чест на Рацин, планинарите читаа творби на учениците од ООУ "Славко Лумбаровски" од Новаци кои беа наградени на литературниот конкурс за деца на тема „Твојот живот – наша светлина”.
Со овој настан се заокружија 56. Рацинови средби 2019.