Младите волонтери го разубавија градскиот парк

Младинскиот клуб од Велес кој е дел од Младинскиот образовен форум  (МОФ) од Скопје, преку акцијата разубавување на јавни површини насловена „Сите за парк – паркот за сите” минатиот викенд со своите млади волонтери работеа на подобрување на состојбата на клупите за седење и на чистотата на градскиот парк во Велес.

Младите активисти (на возраст од 15 до 20 години) репарираа вкупно четиринаесет клупи (од кои три целосно) и собраа вкупно  2 м3 смет.

Целта на оваа акција беше да се разубави неискористениот јавен простор и да се пренесе пораката дека младите, како и останатите граѓани на Велес, можат да придонесат Велес да биде подобар и поуреден град со градење на одговорен и проактивен однос кон животната средина. Акцијата ја спроведе Медиа/Арт клубот – Велес, како завршен настан на одржаните работилници за креативен и младински активизам во изминативе месеци.

Општина Велес ја поддржа оваа младинска иницијатива, која е во рамките на проектот "Поддршка на младинскиот активизам преку онлајн медиумите", поддржан од Националниот фонд за демократија.