Претставени решенија за шелтер центри и советувалишта во Велес

Денес во просториите на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, во Велес, беше одржана локална трибина на која се промовираа наодите од Методологијата за утврдување на трошоците за специјализираните услуги за жени жртви на насилство и на семејно насилство, дефинирање на цените и проценка на цените за шест услуги.

Наодите од методологијата беа презентирани од страна на Маја Балшиќевска, претставничка на ХЕРА - Асоцијација за здравствена едукација и истаражување и м-р Јована Тренчевска, државен секретар во Министерството за труд и социјална политика,а настанот во Велес е организиран во соработка со ЗГ Организација на жени – Велес и финансиски поддржан од Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените - UN Women.

Пред големиот број присутни претставници на невладиниот сектор, на општините од Вардарскиот плански регион, на Советот на Општина Велес и на Центарот за социјални грижи од Велес, беше претставена состојбата и предизвиците за обезбедување на специјализирани услуги на жртви на насилство во Општина Велес.

Претставничката на министерството за труд и социјална политика, го презентираше начинот на имплементација на Истанбулската конвенција, преку која се воспоставуваат специјализирани сервиси за жени и жртви на насилство и семејно насилство. Исто така, г-ѓа Тренчевска го истакна и задоволството од досегашната успешна работа со Општина Велес и ја нагласи можноста за отворање на шелтер центар до крајот на оваа година во општината, доколку градот ја поддржи оваа иницијатива со обезбедување на простор каде истиот ќе биде лоциран.