Водата во Езерото Младост со одличен квалитет
Последните микробиолошки испитувања на водата во Езеро Младост, спроведени во месец мај и јуни од страна на акредитираната лабораторија на Центарот за јавно здравје Велес покажуваат дека во однос на микробиолошките индикатори езерската вода е оценета како “одлична”.
Во однос на физичко-хемиските индикатори, примероците вода од мерните места плажа пред Хотел Романтик, плажа пред брод Панини и плажа пред Мотел на Велешко покажуваат дека во најголем дел водата е во прва и втора класа, освен вредностите за матност кои се движат во рамките од трета до петта класа, за сатурација од трета до четврта класа и трета класа во однос на присуство на амонијак.
Генерален заклучок е дека водата во езерото може да се користи за капење и рекреација, а нејзиниот квалитет се проверува во текот на летниот период на секои 15 дена за што дел од средствата се обезбедени од буџетот на Општина Велес.
Сите поголеми угостистелски објекти се приклучени на Регионалниот колектор за фекална канализација кој минува околу езерото. Во периодот кој претстои ќе се изврши предавање на колекторот на стопанисување на ЈКП Деревен за што е започната постапка која се води од страна на општината.
Општина Велес апелира до граѓаните совесно да се однесуваат при престој на езерото затоа што тоа е место за рекреација и релаксација за сите, а благодетите на езерото се многукратни.
Да го чуваме и да се грижиме за езерото како најдостапно прибежиште од градскиот асфалт во летните горештини.