Интеретничкото стрип училиште во Велес започна со работа
Вчера во просториите на интернатот „Лазар Лазаревски“ во Велес започна дводневното стрип училиште под наслов „ Стрипот во интеркултурна едукативна мисија“.
Овој проект го имплементира Стрип центарот на Македонија –Велес, а е финансиран од страна на министерството за култура. Целта на овој проект е развој на интеркултурноста како и деметрополизацијата на културата во нашата земја како едни од основните заложби во Националната стратегија за развој на културата 2018-2022. Проектот ќе се реализира преку едукативни стрип активности наменети за младите од различни етнички колективитети кои доаѓаат од Куманово, Кавадарци и Велес.
Четиринаесетте млади талентирани уметници ќе творат стрипови на разни теми , кои го засегаат секој млад човек без оглед на неговата етничкат припадност. Некои од стриповите обработуваат и теми како што се дискриминацијата, човековите права и сл. Активностите во ова училиште се логично продолжение на циклусот на вакви сродни активности кои, досега ги има организирано македонскиот стрип центар, а се први од овој вид кои се финансирани од страна на надлежното министерство. Постои голема потреба од организирање на разни форми на едукација на млади стрип уметници во нашата земја. После завршувањето на интеретничкото стрип училиште ќе следи организирање изложби во Велес, Кавадарци и Куманово. Стрип центарот на Македонија-Велес заедно со локалните партнери; ЗГ „ЖИВОТ“ од Куманово, Советот за превентива против малолетничка деликвенција – Кавадарци и ОУ „Васил Главинов “ планира ова училиште секоја година традиционално да се организира во повеќе градови од нашата земја.