Официјален старт на Х Фактор Акцелератор во Велес – поддршка за нови компании

Во деловните простории на Х Фактор Акцелератор, во Велес, денес се одржа првиот “Opening Meetup” настан, преку кој организаторите испратија порака дека работејќи и вложувајќи заедно може да се придонесе многу во раздвижувањето на стартап сцената надвор од главниот град, зајакнувајќи го регионалното претприемништво.

X Factor aкцелераторот e едниот од трите во државава а првиот и единствен бизнис акцелератор во Велес, како еден од поголемите регионални центри од внатрешноста. Основан од четворицата партнери Игор Андреев, Милан Димитриевски, Тодор Левков и Сашко Панчевски кои на почетокот на годинава  потишаа договор со Фондот за иновации технолошки развој за отварање на овој центар. Во првата фаза на работата од бизнис акцелераторот се избрани околу 11 млади компании кои ќе добијат финансиска поддршка од 30.000 евра а оние кои ќе покажат најголем раст од нив ќе добијат и  дополнителни 70.000 евра за развивање на својот бизнис. Во своето воведно обраќање  Милан Димитриевски, управител на X Фактор Акцелератор истакна дека нивниот тим ќе помогне на оние компании кои ќе понудат најиновативни решенија.

„Денес највредните компании не се оние кои се со најдолга традиција, туку оние кои започнале на овој начин. До целта не се стигнува лесно, а акцелераторот треба да ви помогне полесно да дојдете до вашата цел. Ќе има подеми и падови, но никогаш не треба да се откажувате“, им  порача на младите претприемачи Кочо Анѓушев, заменик на Претстедателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските сектори, нагласувајќи ја потребата од раздвижување на стартап сцената надвор од Скопје.

„Мило ми е што Општина Велес уште на почетокот даде силна поддршка на оваа идеја за акцелераторот. Во рамките на своите можности ние како општина ќе дадеме целосна поддршка затоа што сакаме младите да ја гледаат својата перспектива тука, а не во странство“ истакна градоначалникот Коцевски и им посака успешна работа на новоформираните компании.

Во рамките на настанот, Филип Андонов од „Агросолар“ и Лорета Слабева од „Викенд’  ги претставија своите иновативни претприемнички идеи и предлози за работа.