Нова урбана естетика со првата скулпторска колонија
Од 24 јуни до 7 јули годинава, шестмина уметници од земјава и од странство создаваат скулптури наменети за граѓаните на Велес. Како што на денешната прес конференција рече градоначалникот Аце Коцевски, првата меѓународна скулпторска колонија е несекојдневен спој на практичното и естетското.
„Уметниците создаваат скулптури од старо железо и мермер како пример како може материјалите да се рециклираат и да се искористат за уметнички дизајн во кој ќе уживаат сите граѓани на Велес. На овој начин Општина Велес го промовира принципот на заштита на животната средина преку културата. Кога ќе бидат завршени, делата на скулпторите - учесници на колонијата ќе ги поставиме на јавни простори во градот. Со ова Велес ќе добие нова урбана естетика и повторно ќе се промовира како град - стожер на македонската култура и уметност“, рече Коцевски.
Новите урбани скулптури на Велес ги создаваат уметниците Весела Стаменова и Павел Василев од Софија, Република Бугарија и Никола Ненадиќ од Риека, Република Хрватска. Од домашните уметници, на колонијата учествуваат: Горан Ѓорев од Демир Капија, Илчо Стојановски од Велес и Горан Стаменков од Скопје. „Лично имав можност да се уверам во творештвото на уметниците овде, во Велес и верувам дека крајниот резултат ќе биде повеќе од пријатно изненадување за граѓаните, особено за љубителите на уметноста“, рече Градоначалникот. Тој упати благодарност до компанијата „Пескара Вел“ која обезбеди простор за работа на уметниците.
Колонијата се реализира со вкупен буџет од 1.000.030 денари од кои 900.000 се обезбедени од Буџетот на Општина Велес. 130.000 денари изнесува поддршката од Министерството за култура преку фондацијата „Фокус“ од Велес.