Отворено 16-то издание на Интернационалниот фолклорен фестивал
Во преполниот амфитеатар на Младинскиот парк, вечерва започна 16-то издание на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“.
Фестивалот го отвори градоначалникот Аце Коцевски кој упати благодарност до граѓаните на Велес за поддршката на фестиваалот и негуањето на фолклорните традиции. "Докажавте дека сте најверната публика. Ова е убедливо најпосетената културна манифестација во Велес", рече Коцевски.
Од своја страна Томе Јаневски, претседател на Организацискиот одбор нагласи дека во овие 4 фестивалски денови Велес ја претставува суштината на фолклорните традиции на Европа и светот. На свеченото отворање на фестивалот му претходеше традиционалното дефиле на фолклорните ансамбли низ велешките улици во центарот на градот.
На првата фестивалска вечер, публиката имаше можност да ги проследи настапите на фолклорните ансамбли ,,Санта Луција“ од Сардинија, Италија, ,,Свети Сава“ од Република Српска- БИХ, ,,Пржигода“ од Полска, ,,Х.Е.М.“ од Турција како и домашните ансамбли „Кочо Рацин“ од Скопје и велешкиот „Вила Зора“.
Фестивалот продолжува утревечер со почеток во 20:30 часот во амфитеатарот во Младинскиот парк. Во случај на лоши временски услови, фестивалските вечери ќе се одвиваат во спортската сала Гемиџии.