Осврт на досегашните практики во областа на рамномерниот регионален развој
Денес во просториите на хотел „Гарденија” во Велес се одржа меѓународна конференција за размена на добри практики во областа на рамномерниот регионален развој.
Повод за организирање на денешната конференција се воочувањето на придобивките од десетте години постоење и функционирање на регионалниот развој како можност за рамена на практики кои на различни нивоа се спроведуваат во државата.
Во своето поздравно обраќање градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, во својство на претседател на Советот на Вардарскиот плански регион, се осврна на досегашните искуства и на предизвиците со кои Општина Велес, но и другите општини од Вардарскиот плански регион се соочуваа. „Еден од носителите на регионалниот развој во еден регион е Советот за развој на планскиот регион, чиишто членови се градоначалниците на самиот регион. Советот ја има улогата да го даде правецот на развојот во регионот преку носење на Програмата на планскиот регион, како и годишните насоки и акциски планови”, истакна Коцевски и се заблагодари за големата поддршка што швајцарската амбасада ја дава не само на Општина Велес туку и на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион.
На конференцијата поздравни обраќања имаа и амбасадорката на Швајцарија во Скопје, Н. Е. Сибел Зутер Техада и министерот за локална самоуправа, Горан Милевски,
Швајцарската амбасадорка истакна дека имплементацијата на регионалните политики од 2012 година обезбедува подобра институционална координација за подобри услуги и резултати кои се и ќе бидат од корист на секој од граѓаните на планските региони. „Во изминатите години на соработка со партнерите остваривме значителен успех во развојот на адекватни регионални политики во државата, а вкупно до сега имаме финансирано различни проекти и истите се поддржани со средства во висина од 20 000 евра”, рече таа.
„Како поранешен член на Советот на Општина Битола и со размената на искуства од претходното и сегашно работење на градоначалникот Коцевски, јас ќе се заложам за транспарентно делување и зголемена поддршка за рамномерен развој на планските региони”, потенцираше министерот Милевски во своето поздравно обраќање, чијашто прва официјална посета како министер е токму на Општина Велес.
Во вториот дел од денешната конференција свое обраќање имаа и Валентин Хоџа, експерт за регионален развој и Фатос Раифи, поранешен директор на регионална развојна агенција на Северно Косово.
Конференцијата продолжува и во текот на утрешниот ден, а присутните ќе разговараат на тема „Практична примена на регионалниот економски развој со фокус на земјоделство и туризам”.