Затворена првата скулпторска колонија
Со свечен прием за учесниците на првата меѓународна скулпторска колонија, денес во Општина Велес беше заокружено првото издание на овој значаен културен настан. Шестмина реномирани уметници, скулптори од државата и странство, во периодот од 24 јуни до 7 јули 2019 година, своите инспирации ги преточија во вистински уметнички ремек дела, кои остануваат во сопственост на градот.
Во името на градоначалникот Коцевски, во свое лично име и во името на граѓаните на Велес, Секретарот на Општина Велес, Елизабета Јовчевска, изрази благодарност за прифаќањето на поканата за учество на скулпторската колонија и за несебичното вложување кое уметниците го дадоа за да создадат дела кои ќе го разубават Велес.
„Индивидуалноста е појдовна точка во добивањето инспирација за еден автор” истакна Никола Ненадиќ, учесник од Риека, Република Хрватска.
Весела Стаменова и Павел Василев од Софија, Република Бугарија се заблагодарија за дадената можност да творат во Велес. „Нашите дела ќе останат паметник за градот на едно убаво сеќавање и на нашата работа”, рекоа уметниците од Бугарија.
Заедно со делагација од Општина Велес, учесниците на колонијата ги посетија предложените локации во градот каде ќе бидат поставени скулптурите.
Како општествено одговорна компанија, „Пескара Вел” од Велес, помогна во реализирањето на првата скулпторска колонија, со тоа што го отстапи својот простор за потребите на скулпторите, а поддршка во работни материјали и неопходни средства за престојот на учесниците пружија и други општествено одговорни компании од градот – партнери на Општина Велес.
Скулптурите се изработени во мермер и старо железо како симбол на заштитата на животната средина.
Првата меѓународна скулпторска колонија која ја реализираше Општина Велес со сопствени буџетски средства, финансиски беше потпомогната и од Министерството за култура, а се реализираше во соработка со фондација „Фокус” од Велес.