Продолжува процесот за развој на туристички дестинации
Денес во Општина Росоман, во присуство на претставници на бизнис секторот, туристичката заедница, министерството за економија и општините од Вардарскиот плански регион се одржа работна средба на која претставници од Проектот за локална и регионална конкурентност го презентираа процесот на формирање на организација за управување со дестинации во државата.
Во рамки на средбата се формираше Основна група на засегнати страни која активно ќе биде вклучена во овој процес. Тринаесетмината членови на групата, кои се дел од бизнис и граѓанскиот сектор и претставници од општините и Вардарскиот плански регион, ќе имаат советодавна улога и ќе бидат насочени кон спроведување на процесот на формирање на организацијата за управување со дестинацијата.
Велес припаѓа во Тиквешката дестинација, која заедно со полошката и дестинацијата во која припаѓаат Охрид, Струга и Преспа, се три, од вкупно десетте туристички дестинации кои се поддржани од проектот за локална и регионална конкурентност.
"Овој регион треба да ги истакне своите потенцијали, а да ги зајакне недостатоците, со цел подобро претставување на можностите за развој на регионалниот туризам", истакна Љупче Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Процесот продолжува во наредниот период со првиот формален состанок на претставниците на групата.