Второ место за детскиот хор „Св. Кирил и Методиј”
Во периодот од 2 до 7 јули 2019 година, детскиот хор „Св. Кирил и Методиј”од Велес, под раководство на проф. Веселинка Маџарова учествуваше на петтиот Интернационален фестивал на хорска музика во Чанаккале, Република Турција.
Во конкуренција на единаесет држави учеснички и настапи на 44 хорови со долга хорска традиција и добитници на престижни гран-при награди на светската хорска олимпијада, во категоријата на детски хорови, хористите од Велес го освоија високото второ место. Задоволството и поддршката од присутните и оцената за квалитет на жири комисијата составена од меѓународни искусни и признати професори по музика, го потврдува самиот пласман на пиедесталот на најдобрите.
По повод постигнатиот успех, градоначалникот Коцевски денес организираше свечен прием на хористите и им честиташе за освоеното второ место. „Вие сте на врвот и ви посакувам уште многу успеси, да бидете горди на постигнатото, а Општина Велес ќе продолжи да ги поддржува успешните амбасадори на културата” рече Коцевски во своето поздравно обраќање.
„Сакам да искажам голема благодарност до градоначалникот Коцевски и Општина Велес што ни даде поддршка во секој поглед, за да учествуваме на овој престижен хорски фестивал и натпревар каде што има и предселекција за учество. Се надеваме нашата соработка ќе продолжи и во иднина”, истакна проф. Маџарова.
Освен натпреварувачки, фестивалот има и ревијален карактер.
Детскиот хор „Св. Кирил и Методиј” во текот на летниот период има многу активности и настапи, меѓу кои и успешниот целовечерен концерт под покровителство на Министерство за култура, а во реализација на Домот на култура ,,Марко Цепенков” во Прилеп, одржан минатиот месец.