37 седница на Советот - проектите, инфраструктурата и заштитата на здравјето на граѓаните во фокусот на расправата
На 37 седница, одржана на 9 јули годинава, Советот на Општина Велес разгледа 19 точки на дневен ред од интерес за граѓаните. Со цел да се заштити здравјето на жителите на Иванковци, Советот донесе одлука за давање на управување на водоснабдителниот систем во Иванковци на ЈКП „Дервен“.
Со оваа одлука, жителите на Иванковци ќе добијат стручно третирана и здрава вода за пиење. Советот ја усвои и Програмата за измена и дополнување на Програмата за активностите на Општина Велес во областа на локалниот економски развој. Со измената се обезбедија средства за учество на Општина Велес во проектот за реконструкција на кровот на ССОУ „Јовче Тесличков“ финансиран од Министерството за финансии, во рамките на Проектот за подобрување на општинските поддржан од Меѓународната банка за обнова и развој.
Средствата обезбедени од грантот се во висина од 3.090.454 денари. Општина Велес ќе учествува со 3.415.000,00 денари во реконструкцијата на целата површина на кровот од 1184м2 и замена на азбестните табли. На седницата, Советот ги донесе и правилниците за внатрешната организација и систематизација, како и одлуката за вредноста на бодот за вработените во ОЈУДГ „Димче Мирчев“.
Советот ги разгледа и информациите за состојбата со водата за пиење во Велес во 2018 година како и информациите за квалитетот на амбиенталниот воздух и водата на езерото „Младост“. На седницата, претседателот и членовите на Советот му поставија прашања на Градоначалникот за различни проблеми од секојдневниот живот на граѓаните и работата на општината.