Велешките спасители во акција за чистење на Вардар
Здружението за безбедност на вода и планина „Македонски спасител” од Велес, денес организираше еко акција за чистење на коритото на реката Вардар.
Во акцијата без вклучени дваесетмина волонтери на здружението кои ги исчистија крајбрежните појаси на реката Вардар, на потегот од Новиот мост, преку Мал мост, сè до Стариот мост. Оваа еко акција е дел од проектот „Чувари на вардарското крајбрежје” кој е поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Проектот е поделен на два сегменти. Првиот, кој се реализираше денес, со поддршка на ЈКП „Дервен”, овозможи да го исчистиме коритото на Вардар, токму на овој потег, затоа што на овие локации во текот на годината се одржуваат повеќе манифестации по повод одбележувањето на верските празници и каде влегуваат во вода нашите сограѓани. Проектот трае три месеци, а втората акција ќе се случи во текот на следниот месец.”, изјави Ангел Пановски, претседател на здружението.
На денешната акција од коритото на реката Вардар беа извадени паднати гранки и дрвја, железни шипки, пластични шишиња и еден кревет.
Членовите на здружението упатија апел до сите граѓани да ги почитуваат законите и да не поставуваат предмети во водите на Вардар.
Општина Велес ги поздравува и поддржува иницијативите на сите граѓански здруженија од овој вид кои имаат за цел да ја подигнат свеста кај населението за почиста животна средина и почист Вардар.