Градежни зафати во Општина Велес

Во тек се повеќе градежни зафати за подобрување на инфраструктурата на територијата на Општина Велес. Градоначалникот Коцевски заедно со тим од општинската администрација денеска изврши увид на тековните работи.

Извршено е бетонирање на дел од улицата „Васа Кошулчева” во должина од 40 метри со што е овозможено истекување на атмосферските води. Извршен е ископ на подлогата,извршено е валирање на тлото, тампонирање ,завршно бетонирање и нивелирани се уличните рабници на спој со постоечка улица.


Се работи и на улицата "Ризо Ризов", каде во моментов се одвиваат градежните работи за подобрување на коловозната површина на дел од улицата во должина од околу 80 м и кои се во завршна фаза. Се изврши отстранување на многу оштетената бетонска подлога и во моментов се изведуваат бетонски работи за нова коловозна површина.


Направен е увид и на улицата „Даре Џамбаз” каде претходно беа извршени градежни работи за подобрување на коловозната површина во должина од 150 метри. Имено, извршено е делумно вадење на оштетен бетонски слој, а потоа е извршено бетонирање на коловозната површина со проширување на одредени места со цел да се подобрат условите на места каде тоа го дозволува просторот- кривини.


Крстосницата која ја формираат улиците „АСНОМ” и улицата „Андон Шурков” (во близина на бензиската пумпа „Црна Река”) се реконструираше во изминатите неколку седмици и градежните работи се веќе завршени. Реконструкцијата опфаќа изградба на два нови острова, проширување на лента од улица “АСНОМ” кон „Андон Шурков” и поставување на соодветна вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација. На овој начин се прави точно дефинирање на правото на првенство на минување, зголемување на прегледноста при маневрирање и заштита на движењето на пешаците. Од буџетот на Општина Велес за извршување на овие градежни зафати се издвоени средства во висина од околу 1 680 000 денари.