Уметноста- алка за поврзување на учениците со различности
Десет ученици од редовните основни општински училишта и пет ученици со попреченост од ПОУ „Маца Овчарова“, во периодот помеѓу 13. и 18. јули 2019 година се дел од петтдневната ликовна колонија „Езерски убавини” која се одржува во детското одморалиште „Мајски цвет” во Струга. Талентираните ученици-млади уметници кои се на возраст од 13 до 15 години творат и создаваат дела во повеќе техники на сликање.
Ликовната колонија е дел од проектот „Ликовен инклузивен караван”, кој се реализира на ниво на Општина Велес, а е финансиски поддржан од страна на Министерство за култура.
„Ликовната колонија ‘Езерски убавини’ има инклузивен карактер каде на неформален начин учениците од редовните училишта поминуваат квалитетно време со своите врсници со попреченост. Уметничките творби од оваа колонија ќе бидат дел од изложбата која ќе ја организираме во месец октомври оваа година со што ќе го заокружиме нашиот проект. И понатаму продолжуваме да ја градиме инклузивната култура помеѓу младите во Општина Велес, ги разбиваме табуата и сфаќањата за младите со попреченост, а во исто време кај нив ја зголемуваме самодовербата и сигурноста, со што придонесуваме да се чувствуваат корисни во и за својата заедница”, потенцираше координаторот на проектот, дефектолог Зага Колодезни.
Овој настан го реализира здружението „Мобилност” од Велес со поддршка на Општина Велес.