Андреев-трето место на меѓународниот детски тениски турнир во Србија
Во категоријата јуниорки до тринаесет години на еден од најпрестижните меѓународни турнири во детски тенис во регионот Champions Bowl Србија 2019 младата тенисерка Славјанка Андреев од Велес (12 години) го освои престижното трето место. „Турнирот на тениските надежи” е дел од „Champions Bowl by Wilson“ серијата кој од 11 до 13 јули 2019 година се одржа на терените на тенискиот клуб Харон во Белград и е поделен во категории на учесници до 9, 10, 11 и 13 години. Турнирот се игра во вкупно 32 земји.
Oвој турнир е на ниво на Masters Champions Bowl за Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Босна и Херцеговина, а оваа година, исто како и во претходните две, е поддржан од Тенискиот сојуз на Белград.
На овој прв меѓународен настап, младата тенисерка од Велес се вбројува во редот на најталентираните тенисерки и спортски надежи во својата возраст во регионот и пошироко. Успехот на Андреев е потврден и со признанието за најуспешен млад спортист за град Велес во 2018 година.
Општина Велес ги поздравува сите спортски успеси на младите спортски таленти кои со своите врвни резултати го афирмираат Велес во државата и надвор од неа.