Нови можности за финансирање на значајните проекти
Во просториите на Општина Велес денес градоначалникот Коцевски оствари работна средба со претставници на Здружението на финансиските работници и на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
На средбата се разговараше за имплементацијата на проектот „Унапредување на општинското владеење“ и за можноста Општина Велес активно да се вклучи во истиот. Експертскиот тим на Здружението изврши презентација на подготвената физибилити студија за издавање на општински обврзници од Општина Велес.
Во рамки на отворената дискусија се разговараше за постапката за издавање општинска обврзница, како и за придобивките од издавањето на истата, по што се заклучи дека доколку Општина Велес се одлучи на ваков чекор, изработената физибилити студија ќе претставува основа за понатамошни дискусии во општината и за водење на постапката.
Велес, Куманово, Гостивар, Кисела Вода и Струмица се првите пет пилот општини каде е презентиран проектот.
Проектот е финансиран од Европската Унија, а имплементиран од УНДП во соработка со Министерството за локална самоуправа и Министерството за финансии.