Со поддршка на УСАИД ќе се реновира ООУ „Блаже Конески”
Претставници на Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) - Проект на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, директорот на ООУ „Блаже Конески”, Јованче Манасков и градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, денес во просториите на Општина Велес потпишаа меморaндум за соработка.
Со финансиска поддршка во висина од 1.200.000 денари УСАИД овозможува реновирање на санитарните јазли во училиштето. Општина Велес се вклучува во овој проект со учество од 600.000 денари, а училиштето со 30.000 денари.
„Од вкупно 195 апликации на основните и средните училишта од 66 општини, ООУ „ Блаже Конески“ од Велес беше избрано меѓу двананасетте најуспешни училишта кои ќе добијат финансиска поддршка за реновирање на училиштето. Горди сме што ја имаме Општина Велес за партнер и што наидовме на разбирање и отворени можности за соработка во иднина”, истакнаа Небојша Мојсоски, раководител на Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието (МИМО) и координаторката на К3 компонента за реновирање на училишта, Лири Старова.
Градоначалникот Коцевски изрази задоволство и благодарност што Општина Велес е избрана за партнер во овој проект, а посебно што „токму ООУ ‘Блаже Конески’ е одбрано за училиште во кое ќе се спроведат активностите, затоа што навистина се потребни големи и најитни интервенции за овозможување подобри услови за учениците”.
Оваа aктивност е во рамките на проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, Компонента 3-Стимул за училиштата/Реновирање, во која учествуваат сите основни и средни училишта од сите општини во Република Северна Македонија.